
Бројот на лекари од Газа задржани во израелски затвори расте, објави палестинската организација „Healthcare Workers Watch“, откако израелските сили го уапсија д-р Марван ал-Хамс, директор на болницата Абу Јусуф ел-Наџар.
Со неговото апсење, бројот на приведени лекари порасна на 28. Меѓу нив се и осум високи специјалисти – хирурзи, ортопеди, кардиолози, педијатри и експерти по интензивна нега.
Организацијата наведува дека 21 здравствен работник е во притвор подолго од 400 дена, без подигнати обвиненија. Три нови апсења се регистрирани во јули.
Според Министерството за здравство на Газа, д-р ал-Хамс бил уапсен пред полската болница на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, но неговата локација и статус се уште се непознати.
Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека двајца нивни вработени се уапсени, од кои еден сè уште е задржан. СЗО, ОН и бројни организации за човекови права остро го осудија третманот на медицинскиот персонал, повикувајќи на нивно итно ослободување.
Според извештај на „Гардијан“, здравствените работници се изложени на физичко и психолошко малтретирање и често немаат пристап до медицинска грижа кога им е потребна.