
Според најновите информации, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор. Од нив, 11 се сѐ уште активни, 3 се под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.

Активни пожари се регистрирани во неколку региони. Во источниот дел, пожарите зафатија подрачја кај селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки. Во Прилеп гори на две локации – кај селото Бешиште, со проширување кон Градешница и кон границата со Грција, како и кон селото Дрен. Во Македонски Брод активни се два пожари – кај селото Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа.
Штипскиот регион се соочува со пожар меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци гори кај селото Јунузлија. Во близина на Скопје, пожар е активен кај селото Гумалево во општина Зелениково. Во северниот дел на државата, активни пожари се бележат и кај селото Руѓинце во Старо Нагоричане, како и во Куманово – во населбата Ристово Трло и кај селото Романовце.
Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај селото Грешница во Македонски Брод, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино и на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, каде што гореше дива депонија.
Изгаснати се 11 пожари во различни делови на државата, меѓу кои во Шуто Оризари кај Општината, кај касарната во Прилеп, во селата Долно Перово и Прељубје во Ресен, како и во неколку населени места во Кочани, Куманово, Липково и Гостивар.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за справување со активните пожари и заштита на населението и природата.