Skip to main content
Хроника

Гаќи „Викторија Сикрет“, кеш евра во гаќите, канабис во чорапи, играчки „Гучи“ – цариниците запленија сè што ќе ви падне на ум

25/07/2025  20:22

Во вистинска серија од филм за шверц, царинските служби на македонските гранични премини и аеродроми деновиве запленија канабис скриен во чорапи, кеш евра сокриен под седиште, долна облека „Викторија Сикрет“ и „Гучи“, фалсификувани играчки, скапа аудио опрема, па дури и перална машина и музички инструменти – сите обиди за шверц во државата.

Канабис во чорап – директно од Америка

Американски државјанин се обидел да прошверцува 14 семки и масло од канабис преку аеродромот во Скопје. Цариниците, посомневајќи се, направиле личен претрес и пронашле семки во епрувети скриени во џеб и чорап.

400 гаќи „Викторија Сикрет“ и „Гучи“ на зелен канал

Друг патник, мислејќи дека цариниците не гледаат добро, се обидел да внесе 400 парчиња луксузна женска долна и ноќна облека во ранец и куфер – без да пријави. Каналот? Зелен – за патници „без ништо за пријавување“.

Египќани скриени меѓу палети

На преминот Богородица, цариниците откриле тројца египетски мигранти скриени во камион. Откриени биле при контрола на товарното возило, па предадени на МВР.

Фалсификувани слушалки и играчки од Кина

Од Кина пристигнала пратка со 850 парчиња играчки, слушалки и привезоци со лажни бренд-ознаки. Царината ја запленила веднаш по пристигнувањето.

Цигари во фиока, тутун во багаж, акциза – нула

Цариници откриле над 3.000 парчиња цигари и килограм тутун во патнички багаж и скриени прегради на камиони. Цигарите биле без акцизна маркичка, дел и сокриени под тапацир.

Музички инструменти, перална и аудио техника во комбе

Во три одвоени случаи откриени се синтисајзери, саксофони, засилувачи и перална машина, дел сокриени во комбe и возила со странски таблички. Вредност: над 700.000 денари.

Пари до таван – девизи во гаќите и торби

На Табановце, цариници откриле две обиди за нелегален пренос на вкупно 52.000 евра. Патниците успеале да задржат по 10.000 евра, додека остатокот бил задржан.

Облека во празен камион, делови под душек во кабина

На „празен“ камион му пронашле 105 парчиња облека и обувки, а во друг случај, делови за автомобили „Хјундаи“ биле скриени под креветот на возачот.

Царинската управа најавува засилени контроли и предупредува: криењето не значи безбедно внесување. Секој шверц – без разлика дали станува збор за гаќи, канабис или евра – ќе заврши со конфискација и постапка пред Обвинителство.