
Стефан Филиповски, еден од браќата од познатото македонско музичко дуо „Некст Тајм“, синоќа го кажа судбоносното „да“ на својата долгогодишна љубов, белграѓанката Тинеа. Парот ја круниса својата неколкугодишна врска со свадбена церемонија што предизвика големо внимание на социјалните мрежи.
Според објавените фотографии, младенците зрачеле со елеганција и стил. Стефан носеше класичен црн смокинг, но верен на својот препознатлив стил, косата ја носеше врзана во опавче. Невестата Тинеа блесна во долга венчаница со тантела и софистицирани детали, надополнета со нежен накит и романтична фризура со благи кадрици.
Честитки пристигнуваа од сите страни, а меѓу првите што јавно ја споделија радоста беше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Тој на Фејсбук објави фотографија од младенците со опис:
„Улете у тавче македонски комита! Честитки Тинеа и Стефан, да сте ни живи и здрави, успешни и среќни…😘“
Обожавателите на „Некст Тајм“ упатија стотици честитки, посакувајќи им љубов што ќе трае вечно.