Skip to main content
Скопје

Од скопјани се бара да штедат вода, но речиси 40 проценти се загуби во системот, а само 37 отсто се фактурира

18/07/2025  15:58

Топлотниот бран со високи температури во Скопје доведе до зголемена потрошувачка на водата за пиење. Од Град Скопје и ЈП Водовод и канализација повеќепати предупредија дека има енормна и неконтролирана потрошувачка и апелираат граѓаните разумно да ја користат водата за пиење – да не се користи за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, полнење базени и слично. Но, извештајот за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година покажува дека само 37 проценти од вкупно произведената вода лани била фактурирана, додека речиси 40 проценти (39,96%) се физички и комерцијални загуби од вкупниот влезен волумен на вода во системот, додека за регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20 проценти.

Претпријатието во текот на 2024 година има произведено вкупно 110.055.436 метри кубни вода од двете изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези, што е зголемување во однос на претходната 2023 кога се произведени 103.172.833 метри кубни. Од вкупно произведените кон своите корисници ЈП Водовод и канализација Скопје има фактурирано само 41.395.367 метри кубни вода, а нефактурирани се 68.660.089 метри кубни вода. 

Произведената вода се користи и за комунална потрошувачка, а загубите претставуваат неприходувана количина на вода. Тие во извештајот се поделени на: стварни загуби кои произлегуваат од истекување на цевките и на приклучните цевки, истекување на транспортни цевки и позадинско истекување и на административни привидни загуби кои произлегуваат од неизмерена нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина на вода, грешки при мерење на потрошувачка кај корисници и од неточни состојби. 

Само 37 проценти од вкупно произведената вода лани била фактурирана

Од вкупно произведени 110.055.436 кубни метри вода во 2024 само 37,43 проценти или 41.395.367 метри кубни е приходована количина вода, односно наплатена. Фактурирана измерена потрошувачка е 41.145.636 кубни метри, додека неизмерена паушално фактурирана потрошувачка се 249.731 кубни метри вода. 

Според Извештајот 7.072.876 метри кубни вода се однесуваат на загуби од комерцијална нелегална потрошувачка и неточност на водомери. Нефактурирана легална потрошувачка изнесува 24.680.742 кубни метри вода. Неизмерена нефактурирана потрошувачка од 24.322.052 метри кубни е потрошена вода за тековно испирање на резервоари, водоводна и канализациска мрежа, потрошена вода преку фонтани и јавни украсни чешми, а во најголем дел е потрошена при санирање дефекти и полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило. 

Губитоците на вода во 2024 година во водоводниот систем изнесуваат 43.979.327 метри кубни. Тука се пресметаните физички и комерцијални загуби кои се 39,96 проценти од влезниот волумен на вода во системот.  

ЈП Водовод и канализација Скопје во извештајот наведува дека има усвоена проактивна политика за детекција на реалните загуби во мрежата и стратегија за намалување на загубите која се имплементира. 

– Одделение за откривање и поправка на дефекти на водоводната мрежа главно работи на проактивно откривање на истекувања и непријавени истекувња. За регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20 проценти од вкупно произведената вода. За намалување на загубите на вода потребно е вложување на голем труд и знаење, за загубите да се доведат во границите на прифатливото. За таа цел ЈП Водовод и канализација Скопје има набавено теренско возило за истражување и откривање на дефектите опремено со најсовремена опрема за овој вид на работа. Формирани се екипи со обука на луѓето што ќе работат со опремата, бидејќи на истражувањето и намалувањето на загубите гледаме како на внатрешна резерва со која можеме да ги ублажиме недостигот на вода во водоводниот систем потребно изразен во летните месеци, се вели во Извештајот за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година, објавен во март 2025.

Најмногу произведена вода во јули, најмалку во февруари 

Вкупните приходи на претпријатието во 2024 година изнесуваат 1.682.578.853 денари, од кои од продажба на производи и услуги се 1.519.132.881 денар, од кои, од продажба на вода се 1.471.767.095 денари. Вкупните расходи изнесуваат 1.927.802 521 денар и загубата по оданочување изнесува 256.104.918 денари. 

ЈП Водовод и канализација Скопје одржува 1.265 километри водоводна мрежа, на која во 2024 реализирани биле 360 нови приклучоци и извадени од мрежа се вкупно 2.245 водомери. 

Минатата година реализирани биле 923 санации на улични дефекти, 150 дефекти на затворачи, 121 дефект на огрлици, 1.046 дефекти на приклучни цевки, 82 дефекти на противпожарни хидранти и 4.177 дефекти во шахти. Во 2024 година во ЈП Водовод и канализација Скопје работеле вкупно 1.048 лица. 

ЈП Водовод и канализација Скопје снабдува вода со пиење население од над 600.000 жители на Град Скопје. Најмногу вода се произведува во летните месеци јули (10.361.096 кубни метри) и август (10.200.482 кубни метри), додека најмалку во февруари (8.005.587) и март (8.587.482). Во еден ден најмногу се произведени на 21 јули 2024 – 351.814 кубни метри, а најмалку на 21 декември 2024 – 204.415 кубни метри вода.

За намалување на загубите потребни инвестиции во мрежата, но и политичка волја

Низок притисок и чести рестрикции на вода речиси секое лето веќе стануваат вообичаена состојба за делови од Скопје и се повеќе жители на главниот град. Ваквата состојба предизвика политички препукувања.

Одговорноста за тоа што делови од Скопје се без вода или со низок притисок, од ВМРО-ДПМНЕ ја лоцираат кај градоначалничката Данела Арсовска, обвинувајќи ја дека да работела на водоводната мрежа и нејзиното обновување, не само што ќе немало проблем со притисокот туку и немало да ги има големите загуби што ги има сега. И порачаа да не води политика, тука да им обезбеди вода на скопјани. 

Таа, пак, вели дека тие што ја напаѓаат „глумат политичка загриженост во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 кубни метри вода дневно и во просек со 30 фатени и спречени нови диви приклучоци секој ден“ и повика МВР да постапува.

Според Арсовска, изворот од каде се снабдува градот – Рашче, како и дополнителните бунарски системи во Нерези и Лепенец, нема доволно капацитет да извира питка вода колку што граѓаните трошат.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, вчера на прес-конференција, прашан дали централната власт може да помогне во решавањето на проблемот со водоснабдувањето, рече дека Владата нема ингеренции да интервенира во решавањето на водоснабдувањето на територијата на Скопје.

– И согласно Законот за локална самоуправа, но и согласно Законот за води, одговорноста во делот на водоснабдувањето е во рамки на локалната самоуправа т.е. во рамки на Град Скопје. Владата тука нема никакви ингеренции, тоа сакам да го кажам, најдиректно за да им стане јасно на нашите граѓани, рече Перински.

Според него, ова е кулминација од сите наталожени проблеми, коишто го тиштат градот Скопје во изминатите повеќе од три и пол години и кои кулминираат во рамки на самите јавни претпријатија.