Skip to main content
Македонија

СДСМ во Скопје ќе настапи со свој кандидат, ќе се знае до крајот на јули – во игра се Ралев и Шукова

15/07/2025  20:25

СДСМ во Скопје ќе настапи со свој кандидат на претстојните локални избори, а ќе го објави до крајот на јули. Во игра се Мишко Ралев и Каја Шукова, но има и уште двајца други кандидати, рече вечерва партискиот лидер Венко Филипче.

Тој во „Само интервју“ на Канал 5 истакна дека не сака да шпекулира со број на гласови кои би ги добила СДСМ на изборите или со број на советнички места и градоначалници.

-Даваме се од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да ги увериме граѓаните дека нашите кандидати имаат кредибилитет и дека ќе работат чесно и транспарентно. На скопјани сакам да им порачам дека предлогот ќе биде човек што ќе обединува, напомена Филипче.

Според него, коалиции со албанските партии во мешаните средини ќе се прават, но врз повеќе основи: принципиелност, заемно почитување, компатиблност на кандидатите и луѓето кои живеат во општините.

СДСМ, подвлече Филипче, фокус ќе стави на листата на советници.

За Струмица информира дека Марјан Даскаловски имал поголема поддршка од партиското членство во однос на Костадин Костадинов.

Филипче обелодени и дека Таравари побарал поддршка од СДСМ.

-Со Ахмети не сум се сретнал, а со Таравари имавме средба пред неколку недели кога тој не беше кандидат. Побара поддршка и сега разговараме со нашите членови во општинската организација. Ќе ја донесеме најдорбата одлука, рече лидерот на СДСМ.

Во врска со златната виза за Дубаи, Филипче и овојпат не откри со која болница преговарал. Само кажа дека има легитимно право да заработи од својата струка – неврохиругијата. Негираше дека има каков било имот, инвестиции, згради,…

-Не ви откривам ни сега, треба да бидам професионален, а дали тоа ќе влијае или не на моето реноме или како ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува во однос на тоа, какви приказни излегуваат,… Не е точно, инаку, дека сум добил возило на подарок. Вистината е дека немам бизниси, легитимно е во одреден период понатаму и да заработам од мојата струка во која сум вложил. Среќен сум што добив шанса зашто ретко кој добива таква шанса. Има точно наведени струки за кои може да добиете виза во Емиратите – лекари, инженери…, рече Филипче.

Во однос на поранешниот премиер Зоран Заев, истакна дека со него има само приватни контакти.

-Заев не сака веќе да се занимава со политика, ниту има намера да се меша за били што или за какви било одлуки, дециден е Филипче.