Skip to main content
Македонија

Конфискацијата на имот стекнат од криминал е клучна алатка за владеење на правото

14/07/2025  15:00

Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија, во организација на Европското движење, денеска беше домаќин на 17. сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Ефикасноста на институционалниот одговор во Република Северна Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“.

Дијалогот беше фокусиран на клучните прашања и предизвици во процесот на усогласување на македонското законодавство со европските стандарди во поглед на замрзнување, конфискација и управување со незаконски стекнат имот, детектирање на правните празнини и системски слабости што го отежнуваат нивното ефективно спроведување, како и меѓуинституционална и прекугранична координација при следењето и размената на податоци за имот поврзан со организиран криминал.

„Конфискацијата на незаконски стекнат имот е првиот показател што Европската Унија го проверува во пристапниот процес кога станува збор за владеење на правото“, изјави директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски во воведното обраќање во темата. Според него, нормативната рамка не значи и ефикасност. Главен предуслов за успешна конфискација на имот стекнат од криминал е вмрежување на институциите преку преку дигитализација и заедничка платформа за нивна поголема ефикасност и од каде институциите ќе можат на време да ги влечат податоците за целиот имот, со цел да се спречи исчезнување на незаконски стекнатиот имот што лицата кои ќе дознаат дека против нив се покренува предистражна постапка, веднаш го префрлаат на име на други лица“. Тој посочи дека е недозволиво еден допис, како што е случајот сега, да шета со месеци од институција до институција и оттаму да протекуваат информации што ја намалуваат ефикасноста во борбата против криминалот и корупцијата. Освен дигитализацијата потребно е да се подобри институционалната координација, пристапот до информации, ресурсите и капацитетите и меѓународната поврзаност, бидејќи како што рече „секое изгубено евро значи пораз за правдата, а секое вратено евро – победа на граѓаните“, поентираше Ивановски.

Директорката на Агенцијата за управување со одземен имот, Ирена Илиевска, рече дека „конфискацијата на имот стекнат од криминал е клучна за владеење на правото и моќен инструмент со кој праќаме порака дека криминалот е неисплатлива професија“. Таа посочи дека на ваков начин не само што ќе се спречи користа од криминалот, туку и ќе се врати довербата во институциите, а добра вест во таа насока е што новиот управен одбор на Агенцијата е составен од претставници на сите релевантни институции, така што ќе може да се дејствува координирано. Илиевска најави дека од денеска стапуваат на сила измените на Законот за конфискација со кои конечно и привремено одземените возила од страна на Агенцијата ќе им бидат достапни на сите институции, а не само на МВР како до сега, но тие претходно треба да добијат согласност од сопствениците на привремено одземените возила, или пак од институцијата која донела одлука тие да бидат одземени. Во моментов има над 1700 одземени возила.

Во динамичната и конструктивна дискусија, во која се вклучија претставници на релевантни институции поврзани со управувањето со имот стекнат од криминал, експерти, граѓански организации и дел од академската заедница, впечатлива порака испрати државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, кој рече дека враќањето на конфискуваниот имот кон државата и кон граѓаните е непресушна тема, бидејќи ним ништо не им значи што криминалците одат во затвор кога огромниот незаконски стекнат имот останува во нивни раце. Петрушевски посочи дека Националната конвенција е одлична платформа во која се води отворен дијалог со сите инволвирани експерти во насока на спроведливост на законите, а не само нивно усогласување. Тој ја поздрави идејата за достапноста на конфискуваните возила за сите државни институции, кои трошат милиони денари за набавка на возила, додека илјадници возила пропаѓаат на плацовите каде што во прилично скромни и несоодветни услови се чуваат запленетите возила.

На тоа се надоврза и директорот на Директоратот за европска интеграција во МНР, Андреј Лепавцов, кој рече дека токму затоа од оваа дебата се има големи очекувања, особено откако ќе бидат усвоени десетте препораки на работната група одговорна за Поглавјето 24 за правда, слобода и безбедност.

Професорот за безбедност, Трпе Стојановски, констатира дека иако Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација прва во регионот, сепак за жал, таа не ги следеше реформите, па така, во однос на конфискацијата, ние сме во долната група од регионот, далеку зад земјите од ЕУ. „Гледајќи во нашето соседство, Албанија многу напредува во оваа област, додека кај нас се уште се соочуваме со големи проблеми, како недостиг на дигитализација, кадровски проблеми и слично“, рече Стојановски, посочувајќи дека по секоја промена на власт, се менуваат и голем дел од кадрите што се создаваат подолг временски период, а прашање е дали ние како држава можеме да си ги дозволиме овие промени и губење на веќе обучен персонал. Осврнувајќи се и на буџетите на институциите, тој рече дека ЈО добива многу помалку од законски пропишаното, што влијае на борбата со финансискиот криминал.

Јавната обвинителка Лиле Стефанова, пак, се осврна на ефикасноста како прашање за сите присутни. Забележа дека иако законодавството по толку години е усогласено, усвоени се и низа меѓународни договори и конвенции, но се уште се мачиме со спроведување на дел од законите. Зборувајќи конкретно за работата на Јавното обвинителство, таа сподели дека постојат закони кои излегуваат од рамката, односно дека се даваат рокови кои се несоодветни.

На крајот на сесијата Националната координаторка, Милева Ѓуровска, заклучи дека дијалогот што го водеа сите засегнати страни се очекува да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и професионализам во борбата против организираниот криминал особено во делот на конфискација на нелегално стекнат имот како суштински чекор во градењето правна држава, знаејќи дека речиси 50 отсто од препораките на ЕУ се однесуваат токму на владеењето на правото и борбата против корупцијата.