
Британската кралска ковница на пари издаде комеморативни монети по повод 50-годишнината од бендот „Ајрон Мејден“.

Легендарниот хеви метал бенд се приклучува на постава изведувачи како дел од серијата „Музички легенди“ на Кралската ковница – во која претходно беа објавени Queen, Елтон Џон и Дејвид Боуви.
Новите монети се дизајнирани од уметникот на „Ајрон Мејден“, Алберт „Акирант“ Кирантес. На нив е прикажана маскотата на бендот, Еди, во динамична поза, додека „скриени“ референци што ги истакнуваат различните албуми и турнеи се вметнати во пакувањето и во самиот дизајн на монети.
„Ајрон Мејден“ издадоа 17 студиски албуми во текот на својата кариера и стекнаа лојална база на обожаватели низ целиот свет.
„Ликот на Еди на официјалните британски монети ја продолжува неговата неверојатна одисеја откако го создадовме во 1980 година“, рече менаџерот на бендот Род Смолвуд. „Бевме на поштенски марки, шишиња пиво, опашки од авиони, а сега сме законско средство за плаќање. Деталите што Акирант ги внесе во дизајнот се исклучителни – има алузии на речиси секое поглавје од нашето патување како бенд. Ни е чест што Кралската ковница на пари одлучи да одбележи 50 години од Iron Maiden на толку уникатен начин.“
Монетите се достапни од вторник во Кралската ковница, во златна и сребрена верзија, како и во варијанти кои не се во оптек.
Цените почнуваат од 18,50 фунти за монета од 5 фунти, додека златната монета „Ајрон Мејден“ од 200 фунти се продава за 6.940 фунти.