Skip to main content
Македонија

УНЕСКО со сериозни критики: Охридскиот регион под закана да го изгуби статусот на заштитено богатство

08/07/2025  10:25

Охридскиот регион е повторно под сериозна закана да биде впишан на Листата на светски природни и културни богатства во опасност, се наведува во нацрт-документот што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го усвои на 47. Сесија што се одржува во Париз пишува рацин.мк.

Во документот се изразува сериозна загриженост поради продолжената деградација на уникатните вредности на регионот кои се основа за неговиот статус на заштитено наследство. Се констатира дека препораките од Реактивната мониторинг мисија спроведена минатата година не се имплементирани и дека државата, институциите и локалните власти покажале несоодветен однос кон заштитата на природното и културното наследство во регионот.

УНЕСКО повторно бара итно исполнување на дадените препораки, меѓу кои и:

суспендирање на измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на нови Локални планови за развој надвор од населените места,

изработка на Генерални урбанистички планови за Охрид и Струга,

изработка на Стратешка еколошка проценка која ќе ги опфати сите кумулативни влијанија од инфраструктурните и развојните проекти,

систематска проценка на негативното влијание на нелегалните градби, со одлуки за нивно отстранување или ублажување на последиците.

Особено се истакнува потребата од итна забрана за понатамошни градежни активности околу Студенчишкото Блато и хотелскиот комплекс „Горица 3“, сè додека не се спроведат детални проценки на влијанието.

Во однос на големите инфраструктурни проекти, како железничкиот и автопатскиот Коридор 8, УНЕСКО бара префизибилити и изводливост студии, како и детални анализи на алтернативни траси, пред да се донесат какви било неповратни одлуки. До тогаш, бара сите активности да бидат стопирани.

УНЕСКО ги повикува Македонија и Албанија да го зајакнат прекуграничниот дијалог, како на институционално, така и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и долгорочно управување со регионот кој е заедничко природно и културно светско наследство.

Заклучоците од минатогодишната мисија повторно се потврдуваат – дека урбаниот развој, слабостите во просторното планирање, загадувањето на езерото и инфраструктурните проекти доведуваат до неповратна деградација на клучните вредности на регионот.

Доколку државата и надлежните институции не постапат веднаш, Охридскиот регион може наскоро официјално да биде впишан на Листата на светски богатства во опасност – потег што ќе има сериозни последици и по статусот на УНЕСКО, и по имиџот на земјата.

Извир: Рацин.мк