
Вечерва револтирани жители на скопската населба Водно излегоа на улиците и поставија блокади, поради повеќедневниот прекин на водоснабдување. Вода нема ниту во индивидуалните куќи, ниту во новите станбени згради, а состојбата станува сè понеподнослива, особено во услови на високи температури.

Жителите велат дека со денови немаат капка вода во чешмите, ниту во текот на денот, ниту навечер, а доколку и дојде, притисокот е речиси незабележлив.
„Пријавуваме секој ден во ‘Водовод’, прво ни велеа дека има дефект што не можат да го лоцираат. Потоа ни кажаа дека се воведуваат рестрикции. Во овие пеколни горештини не можеме ниту да ги избањаме децата, ниту да ги подготвиме за градинка. Основните хигиенски услови ни се ускратени – се усмрдевме“, вели жител на Водно.
Во текот на денот, ЈП Водовод и канализација – Скопје излезе со апел до граѓаните за рационално користење на водата. Од претпријатието посочија дека енормната потрошувачка, посебно во попладневните часови, го преоптоварува системот и предизвикува прекини, особено во високите зони како што е Водно.
„Апелираме за намалување на неконтролираното трошење вода за полевање, перење автомобили и полнење базени. Секој див приклучок го оштетува системот и го намалува квалитетот на водоснабдување за сите“, стои во соопштението на Водовод.
Жителите, пак, бараат итно и трајно решение за проблемот и предупредуваат дека доколку не се нормализира водоснабдувањето, протестите ќе продолжат и ќе се радикализираат