Skip to main content
Македонија

Бошњаковски ја разгоре искрата на Ѓорѓија Пулески, 150 години после „Речникот на три јазика

05/07/2025  14:45

Во петок 11 јули 2025, 21 часот во Галичник на амфитеатарот на чешма Упија ќе биде изведена премиерата на монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“,  во чест на јубилејот 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ на големиот Пулески.

Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје! Текстот го напиша Миле Бошњаковски на еден од неговите автентичните македонски говори – мијачкиот.

Во разговор за Рацин.мк Миле Бошњаковски открива како и во кој момент бил инспириран да ја напише монодрамата посветена на Пулевски.

„Минатата година заврши делумно реновирањето на Музеј куќата на Ѓорѓија Пулески во Галичник односно само кровот е поправен со цел да се заштити куќата од галичките зими. Но, додека бев во куќата и самиот факт дека Пулески токму во таа куќа научил да оди, да зборува – ме инспирираше моментот дека треба да се создаде нешто да се запали неговата искра повторно“.

За Бошњаковски посебен предизвик кој го прифатил со огромно задоволство бил да ја напише драматана мијачкиот дијалект, еден од мноштвото во македонскиот јазик, за што особено помош добил потомците на неколку семејства Черепналковци, Гаревци и Мандилевци. Авторот смета дека автентичниот говор, со кој се служел и самиот Пулески, ѝ даваат исклучителна автентичност на изведбата на премиерата.

Бошњаковски открива неколку детали од текстот на монодрамата во кој се поместени неколку сцени кои се случуваат во „сеќавањата“ на Пулески.

„Го имаме „каменот“ кој е симбол на „зборот – македонски“ за Пулески, кој пак тој камен симболично ѝ го предава на Европа, која како модерна девојка пристигнува на коњ. Пулески има три сцени со негови современици. Имено тој ќе разговара во живо со Абрахам Линколн, Лав Толстој, како и со Жорж Санд, кои ги рекреиравме со помош на новите техниологии, а се разбира како составен дел од неговиот живот и неговите учество во многу војни и битки ќе има и сцена на борба на две војски“, открива Бошњаковски за Рацин.мк.

Бошњаковски ни говореше и за тимот со кој се подготвува премиерата.

Искрата на Ѓорѓија Пулески и неговиот чист и јасен крвоток како основоположник на македонистиката, од 19 век во оваа 2025 година ќе ни ја пренесе нашиот познат актер Рубенс Муратовски. Музичката подлога инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“ ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а ќе ја изведат во живо во рамките на премиерата заедно со маестралните Мајовци. Премиерата е во режија на театарскиот режисер Бојан Трифуновски.

Ѓорѓија Пулески со објавата на „Речник од три јазика“ пред 150 години јасно, прецизно и со острина на галички камен го втемелува македонскиот јазик во лингвистичкото семејството на Балканот, Европа и целиот свет. Сеќавањето на Пулески и на неговото творештво, кое е од исклучително значење за македонскиот јазик  и тоа во неговиот роден Галичник, овој Петровден треба да биде „ехо“ кое ќе се пренесува во наредните векови. Монодрамата ќе биде изведена под отворено небо во центарот на Галичник, на амфитеатарот пред чешма Упија и вила Доста.

Влезот е слободен за секој посетител на Галичник.