Skip to main content
Македонија

Кај се видело министер за трансрпот и врски да не сака да отвора нови сообраќајни врски?

19/10/2024  13:34

И покрај противењето на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, земјава да биде подобро поврзана и со Албанија и со Бугарија, двете држави се договорија да продолжи изградбата на пругата која е дел од Коридорот 8.

Со самото доаѓање на позицијата, Николоски беше против довршување на пругата за Бугарија, дел од европскиот Коридор 8 и бараше пренамена на трасите, но и средствата со цел да се модернизирал Коридорот 10, кој ги поврзува Унгарија, Србија, Македонија и Грција.

Овој Коридор е железнички и автопатски поврзан уште во времето на поранешната СФРЈ со автопатот Е-75 и железничката пруга. Наспроти поврзувањето со Коридорот 10, Коридорот 8 остана само залжба на Македонија, Албанија и Бугарија за автопатско и железничко поврзување на пристаништето во Драч и пристаништето во Варна.

Источната и западната граница на Македонија се уште не се поврзани со автопат, ниту со железница, а Коридорот 8, освен за подобро поврзуваање во земјава, е важен и за јужното крило на НАТО, бидејќи ќе ги спојува двете пристаништа. За важноста на овој коридор зборува и силната економска и логистичка поддршка од Европската унија дадена во форма на грантови и поволни кредити.

Министерот Николоски бараше прераспределба на средствата наменети за овој коридор за да се модернизирала пругата по Коридорот 10, од Будимпешта, преку Белград, па се до Солун и тврдеше дека е подобро да се унапреди нешто постоечко, отколку да се воспостави нов коридор.

Тој ја стави во прашање и целата траса на пругата, дел од Пан-европскиот Коридор 8, и дека требало пругата наместо преку Куманово и Крива Паланка да оди преку Штип-Делчево или пак преку Струмица.

Проектот за изградба на пругата кон Бугарија датира уште во раните 90ти години од минатиот век, а изградбата започнува во далечната 1996 година.

Во меѓувреме во двете земји имаше промени на неколку влади, но проектот стагнираше. Придвижување на работите имаше во изминатите години, земјаќи предвид дека во моментов пругата долга 24 километри се гради во три секции.

Првата делница Куманово – Бељаковце е веќе во завршна фаза, работите одат поспоро на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, додека се уште не е одбран изведувач за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија.

Од бугарска страна потребно е да се изградат уште 2,5 километри пруга од населеното место Ѓуешево до границата со Македонија.