
Голем пожар избувна на дива депонија во скопската населба Визбегово, во близина на хотелот „New Star“. Пожарот, кој се појавува и по неколку пати по неговото гаснење, создава сериозна опасност за околината и предизвикува згуснат чад и неподнослива миризба.
На терен е директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, кој ја увидува состојбата заедно со надлежните институции и координативните тимови.
„На терен се работи во координација со сите релевантни служби. Проблем претставува непристапниот терен, поради што се чека механизацијата – багери и тешка опрема – да пронајде начин за пристап до жариштето и да помогне во целосното гаснење“, изјави Али.
Ова не е првпат да се појави пожар на оваа дива депонија. Локалните жители се жалат дека проблемот е хроничен и дека честите палења сериозно го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на населението.
Надлежните институции апелираат за трпение и внимателност, додека се преземаат сите неопходни мерки за целосно локализирање на пожарот.