
Веќе се резервирани првите 15 термини за состанок со министерот за здравство Азир Алиу, беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
-Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена. Затоа, денес не претставуваме само нова веб-страница, туку создаваме институција што слуша и реагира, рече Алиу.
Преку алатката Отворен кабинет, како што потсети министерот, секој граѓанин може директно да закаже средба со него, секој петок, без бариери и без бирократија.
-Лице в лице, човечки разговор со почит, одговорност и подготвеност за конкретни решенија. Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам, нагласи Алиу.
Оваа иницијатива, смета тој, не е само услуга, туку став.
-Таа е став. Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, систем што вклучува и реагира навреме. Здравство што комуницира, вклучува и реагира не смее да биде само слоган. Тоа е јавна обврска. Обврска што јас како министер, ја прифаќам со целосна одговорност и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и лично присуство, додаде Алиу.
За неговата визија како министер, тој рече дека е да се изгради здравствен систем што зборува со граѓанинот, делува со интегритет и се води од доверба.
-Систем што не се води од впечаток, страв или политички притисоци, туку од точни податоци, реална анализа и вистинските потреби на населението, заклучи министерот за здравство Азир Алиу.