Skip to main content
Македонија

Крстевски: Никој не даде оставка за Кочани, Тошковски и тек како има одговорност

29/06/2025  12:38

Јавноста во Кочани будно ќе го следи судскиот процес за трагедијата во Кочани и нема да дозволиме да се тргува со жртвите, вели ВД градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски во интервју за Радио слободна Европа.

За него е иритирачки тоа што за трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица никој не поднесе оставка и не сноси морална одговорност.

– Ние не видовме морална одговорност од никој. Па зар некој не треба да каже: сам си поднесувам оставка од морални причини. Еве, претходниот градоначалник на општина Кочани, господинот Љупчо Папазов, овде кај вас во емисија ви кажува: тој немаше ни храброст да излезе да си поднесе оставка, туку со статус го направи, и тоа и прашање е колкаво влијание има неговата желба да си поднесе оставка, бидејќи информациите кои што ги имам јас, на денот кој што тој си поднесува оставка, сабајлето во понеделник имал брифинг со вработените во општината и ништо не им најавил. Значи, тој ја поднесува оставката подоцна. Нешто претпоставувам се има случено во меѓувреме. На Фејсбук напиша оставка – вели Крстевски.

Според него, најголема морална одговорност има министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Еве во оваа ситуација конкретно – министерот за внатрешни работи. Јас не велам дека негова е одговорноста за правно формално, меѓутоа тој и те како има одговорност, како една година министер, најмалку од се да биде позитивен политички пример дека мора некогаш да почне да се сноси морална одговорност – додава Крстевски.
Тој го критикува и пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ од Кочани Миле Лефков, кој според него нема излезено ниту на еден марш на родителите на загинатите иако им бил професор на голем дел од жртвите. Го повика премиерот Христијан Мицкоски да се појави во Кочани.

– Јас сум разочаран што се уште, посебно премиерот, нема дојдено во Кочани и во неколку наврати го повикав лично, вратата во општина Кочани за него е отворена, бидејќи тој е премиер на сите граѓани на оваа држава и само со помош на централната власт ние можеме да го издигнеме Кочани во следниот период и таа помош е неминовна и тие имаат должност спрема нашиот град за да помогнат. Така. Исто и пратеникот – не видовме дека има некакви комуникации со жртвите.

Пратеникот овде може да се согласи, целата кочанска јавност е срам за градот. Најпрвин, тоа што не се појавил на ниту еден од маршовите досега, а е бил професор на повеќе од половина од тие деца кои што починале. Срам да му е, нема помрднато ни со прст, се труди со популистички цели за 2 милиона денари за споменик, а не гласа и не дава поддршка за материјално обештетување на родителите на починатите деца и исто така не направи ништо посебно за градот во последниот период. Еве зошто не го артикулира прашањето и за градинката. Каде е тој да реагира во собрание зошто не се отвара градинка повеќе? – додава Крстевски во неделното интервју.