
Поради најавената средба на лидерите од Западен Балкан која ќе се одржи во Скопје, Секторот за внатрешни работи информира дека во понеделник (30 јуни) и вторник (1 јули) во главниот град ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќајот.

Од СВР Скопје соопштуваат дека мерките ќе се однесуваат на поширокото централно подрачје на градот, при што дел од улиците и булеварите ќе бидат затворени во различни временски интервали, во зависност од движењето на делегациите.
„Станува збор за највисоко ниво на безбедносна организација, и апелираме до сите граѓани да покажат разбирање и трпение. Полициските службеници ќе бидат распоредени на клучни локации и ќе ја координираат обиколката на возилата“, изјави за медиумите полициски службеник од Единицата за безбедност на патниот сообраќај.
Од СВР додаваат дека сите учесници во сообраќајот треба строго да ги почитуваат наредбите и знаците кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел да не се создаваат дополнителни метежи или проблеми.
„Сите неопходни информации за затворените улици и алтернативните правци ќе бидат достапни преку медиумите и социјалните мрежи. Апелираме возачите да планираат алтернативни рути и да тргнуваат порано од дома“, велат од полицијата.
Сите неопходни информации за затворените улици и алтернативните правци ќе бидат достапни преку медиумите и социјалните мрежи. Апелираме возачите да планираат алтернативни рути и да тргнуваат порано од дома“, велат од полицијата.
Граѓаните кои живеат или работат во централното градско подрачје се советуваат да користат јавен превоз или алтернативни средства за движење за време на двете критични деноноќија.