
По жестоките судири што се случија синоќа во центарот на Белград меѓу полицијата и демонстрантите, се огласи директорот на српската полиција, Слободан Васиљевиќ, кој ги осуди нападите врз полицијата и нагласи дека безбедносните служби реагирале со минимална употреба на сила.

„Граѓаните беа однапред предупредени дека насилството нема да се толерира. За жал, некои не го почитуваа тоа. Групи од неколку стотици лица се упатија кон кордонот. По нападот кој траеше пет до шест минути, полицијата интервенираше и ги потисна“, изјави Васиљевиќ.
Тој демантираше дека била употребена хемија или солзавец, како што објавија дел од медиумите. „Тоа не е вистина“, рече директорот, додавајќи дека полицијата интервенирала на неколку различни локации низ градот.
„Беше употребена минимална сила, само за да се спречат напади врз полицијата и државата. Десетици хулигани се приведени и ќе бидат кривично гонети“, посочи Васиљевиќ. Според него, шест полицајци и двајца граѓани се повредени во судирите.
Тој нагласи дека полицијата нема да дозволи уништување на државен имот и отворени конфликти. Како што објасни, група учесници на собирот во Славија ги соблекле елеците и тргнале кон полицискиот кордон, и покрај предупредувањата да не се приближуваат.
Истрагата е сѐ уште во тек, а засилено полициско присуство останува во центарот на Белград.