Skip to main content
Магазин

Недостиг на мајстори и високи цени ги мачат граѓаните 

29/06/2025  00:53

Недостигот на занаетчии и постојаниот раст на цените на нивните услуги стануваат сѐ поголем проблем за граѓаните на Балканот, вклучително и во Македонија. Поправки кои порано беа рутина, денес се вистински предизвик – и логистички и финансиски.

Некои граѓани се обидуваат сами да решат дефекти во домаќинството, други бараат препораки на форуми, додека третите, притиснати од потребата, се согласуваат да платат што и да се побара – дури и астрономски суми.

Илустративен е случајот споделен неодамна на социјалната мрежа X (поранешен Твитер), каде корисник од Србија раскажа како водоинсталатер му наплатил 12.000 динари (околу 100 евра) за едвај десет минути работа – составување и расклопување сајла за одзатнување на одвод.

„Го прашувам: ‘Зошто толку наплатуваш?’ А тој ми одговара: ‘Го трошам своето време!’ А јас – шест години плачев над книги…“, напиша разочараниот корисник.

Овој случај ја отвори старата, но актуелна дебата – дали цените на занаетчиските услуги се реални или станува збор за експлоатација на ситуацијата со недостиг на стручен кадар? Дел од граѓаните сметаат дека мајсторите „бесрамно се збогатуваат“, додека други ги оправдуваат со аргументот дека занаетчиите со години наназад беа потценети, слабо платени и потиснати од образовниот и економскиот систем.

Експертите велат дека денес, кога добар мајстор е вистинска реткост, тие логично ги диктираат условите на пазарот. И додека понудата е мала, побарувачката расте – и со неа цените.

Граѓаните, пак, остануваат сами на себе – некои се снаоѓаат со „направи сам“ решенија, некои со среќа наоѓаат доверлив мајстор, а најчесто – се плаќа колку и да се побара.