Skip to main content
Македонија

ДУИ: Во ФЗОМ 18 унапредувања за Македонци, ниту едно за Албанец

27/06/2025  15:09

Демократската унија за интеграција со длабока загриженост го осудува најновиот пример на намерна и систематска дискриминација на Албанците во државните и јавните институции.

Само во еден случај, Фондот за здравствено осигурување на РСМ, се реализирани 19 унапредувања, од кои 18 за Македонци, 1 за Турчин, а ниту едно за Албанец. Ова е јасен показател за етничка исклученост и повреда на уставниот принцип за правична и соодветна застапеност, како и доказ за континуитетот на дискриминаторските политики што ги спроведува оваа влада, велат од ДУИ.

„Оваа влада секојдневно дејствува како режим на етничка изолација, претворајќи ги јавните институции во ѕидови за Албанците. Наместо еднаквост, се спроведува исклучувачки систем кој унапредува само етнички селектирани лица, ги игнорира албанските професионалци и им ја ускратува можноста за професионален и институционален напредок. Сè започна со неуставното укинување на балансерот од страна на Уставниот суд, со цел да се создадат услови Албанците да бидат третирани како непожелни во државната и јавната администрација.

Упатуваме апел до сите институции за транспарентност и одговорност и јасно порачуваме дека ДУИ нема да дозволи Албанците да бидат третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава“, стои во соопштението од ДУИ.