Skip to main content
Хроника

Трагедија во Ханиоти: 19-годишен Македонец се удави пред очите на капачите

27/06/2025  00:35

Трагедија се случи на плажата во Ханиоти, на првиот крак на Халкидики, каде што 19-годишен државјанин на Македонија го загуби животот по давење во морето.

Според информациите на грчката Крајбрежна служба, момчето било извлечено во безсознание од водата во попладневните часови и веднаш започнала реанимација на самото место. Спасувачка присутна на плажата реагирала веднаш и започнала со укажување прва помош и употреба на автоматски дефибрилатор, при што ѝ помогнале неколку капачи.

Набрзо пристигнал и волонтер-спасувач кој продолжил со оживување, заедно со тимот на Итната медицинска помош. Според неговата емотивна објава на социјалните мрежи, за животот на младиот човек се бореле повеќе од 15 минути.

„19-годишен ангел… Се боревме со сите сили, но за жал, животот не можеше да биде спасен“, напиша спасувачот кој го придружувал момчето и во амбулантното возило сè до Здравствениот центар во Касандра, каде што лекарите официјално ја констатирале смртта.

Телото на момчето ќе биде пренесено во Судска медицина во Солун, каде што ќе се изврши обдукција за утврдување на точната причина за смртта.

Грчките власти водат истрага за околностите под кои се случила оваа трагедија.