Skip to main content
Свет

Зградата во која живее Нетанјаху била нападната со дрон

19/10/2024  13:18

Дрон лансиран од Либан удрил во зграда во израелскиот град Цезареја, каде живее премиерот Бенјамин Нетанјаху, соопшти израелската армија. Според извештаите на израелските медиуми, не е познато дали Нетанјаху во моментот на нападот бил во крајбрежното одморалиште лоцирано меѓу Тел Авив и Хаифа. Во инцидентот нема повредени, соопшти армијата.

Во Тел Авив, 55 километри јужно, имало и воздушно предупредување, бидејќи дронот наводно се приближил до областа Глилот, каде се наоѓа седиштето на израелската разузнавачка служба Мосад и друг разузнавачки центар. Сирените се огласија и на голем број други места во северен Израел, вклучувајќи го и градот Тиберија на западниот брег на Галилејското Море.

Либанската шиитска милиција Хезболах, која е во сојуз со Хамас во Појасот Газа, од почетокот на војната во Газа речиси секојдневно истрелува ракети и беспилотни летала врз Израел. По веста за смртта на лидерот на Хамас Јахја Синвар во Газа, милицијата поддржана од Иран најави „нова фаза на ескалација“.