
Вработен во Народната банка на Северна Македонија, со иницијали З.Д., е уапсен по сведочењето на Велибор Манев – еден од обвинетите за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Манев денеска на судењето изјави дека токму З.Д. е лицето кое, по налог на Љупчо Палевски, го уништило оружјето со кое, според обвинението, биле извршени двата монструозни злосторства.
Обвинителството ја потврди информацијата за апсењето и најави дека се преземаат и други истражни дејствија во врска со случајот. Апсењето доаѓа по деталното сведочење на Манев, кој посочи дека бил изманипулиран од Палевски и дека сега, откако самиот Палевски го нарекол лажго, решил да проговори целосно.
– Бидејќи сака да ме набеди дека јас сум убиецот, ќе кажам сè. Лично тој ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на З.Д. од Народна банка, член на партијата „Десна“, за да го отстрани „пакетот“ – ранецот со оружје и мотороли, изјави Манев пред судот.