Skip to main content
Свет

Повеќе од 30.000 луѓе се евакуирани поради поплави во јужна Кина

20/06/2025  12:32

Околу 30.000 луѓе се евакуирани во округот Хуаиџи во Кина откако неколкудневните обилни дождови предизвикаа поплави, соопшти државната телевизија ЦЦТВ.

Спасувачите користат гумени чамци за евакуација на луѓето и доставување храна и вода до тие кои се заробени од поплавите во јужната кинеска покраина Гуангдонг.

Повеќе од половина од патиштата во округот се поплавени, а во многу делови нема електрична енергија и интернет.

Реката Суиџианг се излеа во средината на градот и ги претвори широките улици во канали. Во некои делови, водата стигна до половина од првите катови на повеќекатните згради.

Округот Хуаиџи се наоѓа во близина на границата со регионот Гуангси и околу 140 километри северозападно од Гуангџу, голем индустриски и пристанишен град кој е главен град на покраината.

Тропската бура Вутип донесе обилни дождови во регионот, а на почетокот на неделава имаше монсунски дождови. Пет лица го загубија животот во Гуангси во две лизгања на земјиштето предизвикани од тропската бура.