
За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.

За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.