Skip to main content
Култура

Гоце Тодоровски, Соња Михајлова и Снежана Коневски-Руси добитници на наградите за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

07/06/2025  13:24

Актерките Снежана Коневски-Руси и Соња Михајлова, како и актерот Гоце Тодоровски се добитниците на наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Снежана Коневски-Руси e родена на 8 декември 1952 г. во Ниш. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Вишата музичка школа (Факултет за драмски уметности − Скопје), на отсекот за актерска игра, во класата на професорите Владимир Милчин и Љубиша Георгиевски, во 1975 г. (прогласена за најдобар студент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со средна оценка 9,54 − наградена со златен часовник). Од 1978 г. работи во Македонски народен театар − Скопје. Од 1999 до 2001 г. е специјализант на режија на НАТФИЗ, Софија, на пантомима и кореодрама, во класата на Александар Илиев.

Соња Михајлова е родена на 14 октомври 1958 во Битола. завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена на Народен театар Битола и надвор од неа, во претстави и театарски дела.

Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. Основно, средно и високо образование завршил во Скопје. Во 1976 година дипломира на отсекот за драмски актери во рамките на Вишата музичка школа во Скопје. Уште како студент, хонорарно е вклучен во неколку проекти на Драмскиот театар – Скопје, каде што се вработува во 1978 година. На матичната сцена остварува 43 улоги во претстави од различен жанр, меѓу кои преовладуваат комичните ролји по кои секогаш ќе остане запаметен и сакан од публиката. Учесник е во трите најгледани претстави на Драмскиот театар – Скопје („Солунски патрдии“, „Болва в уво“ и „Викенд на мртовци“), што го прави учесник и во трите најгледани претстави во Македонија со оглед на тоа што секоја од нив живеела на сцената над 20 години. Покрај настапите на матичната сцена, публиката го препознава и како омилен лик од ТВ-екраните и редовен учесник во македонската кинематографија. Актерската игра на Гоце Тодоровски се одликува со природно чувство за комедија, ненаметлива спонтаност во изразот, карактеристични живи гестови и мимика, виртуозна присутност на сцената и мангупски шарм со чија помош секогаш успева да ја префли играта во гледалиштето и да го плени и да го фати вниманието на секој гледач.

Како што соопштија од фестивалот, од минатата година на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, наградата за животно дело е направена од автентичен прилепски бел мермер во комбинација со црн гранит. Наградата е авторско дело на креативниот тим на реномираната прилепска компанија „Крин производство“ од Прилеп и претставува автентичен приказ на возвишеноста на традицијата на театарската уметност и модерна спациотемпорална димензија на архитектурата на современото.