
Вознемирувачки снимки од силниот земјотрес што во текот на ноќта ги погоди грчкиот остров Родос и турскиот крајбрежен град Мармарис кружат на социјалните мрежи и откриваат сцени на паника, страв и уништување.

Земјотресот со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала се случи во 02:17 часот по локално време. Епицентарот бил на 25 километри од Родос, но потресот бил почувствуван во делови од Турција, Египет и Сирија.
Според првичните информации, загинало 14-годишно девојче, а десетици лица се повредени. Турските медиуми јавуваат дека девојчето починало во болница, откако претходно доживеало напад на паника предизвикан од земјотресот. И покрај напорите на лекарите, не успеале да ѝ го спасат животот.
Во Мармарис, најмалку седум лица се повредени додека во паника бегале од своите домови. Вкупно 69 лица се повредени, а властите и спасувачките служби се сѐ уште на терен.
На социјалните мрежи се појавија видеа од моментот на земјотресот, на кои се гледаат исплашени луѓе, урнати објекти и вознемирени туристи.
TUI испрати итна порака до своите гости на Родос:
„Ве молиме останете смирени и следете ги сите безбедносни упатства што ви ги дале вашиот сместувачки капацитет или локалните службеници.“
Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, се огласи на социјалните мрежи и порача:
„Земјотрес со магнитуда од 5,8 степени се случи во Мармарис, Мугла. Земјотресот беше почувствуван и во околните провинции. Сите тимови на нашите надлежни институции продолжуваат со теренските проверки под координација на нашиот гувернер. Според прелиминарните податоци, нема уривање на станбени згради во градот.“
Властите апелираат граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните упатства додека се вршат безбедносни проверки и проценка на евентуални штети.