
„Здраво, јас сум Ада, првиот дигитален асистент на Владата на РСМ. Можам да ви помогнам со информации…“ – вака започнуваше интеракцијата со дигиталниот асистент Ада, кој требаше да ја подобри ефикасноста на јавната администрација и да биде корисен за граѓаните и странските инвеститори. Само една година подоцна, Ада веќе не одговара на прашања, а на социјалните мрежи се појавуваат саркастични коментари дека најверојатно „сфатила дека само таа работи, па решила да се исели од Македонија“.
Ада беше официјално промовирана во февруари 2023 година, како првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција во јавниот сектор во регионот. Преку веб-страницата ada.gov.mk, таа требаше 24/7 да обезбедува целосни информации за инвеститорите, државната помош, условите за инвестирање и достапните програми, на три јазици: македонски, албански и англиски. Проектот беше резултат на соработка помеѓу Владата, Фондот за иновации и технолошки развој и стартап компанијата CodeWell, која ја разви и ја одржуваше Ада.
Но, денес Ада повеќе не функционира. Според јавно достапните информации, договорот со компанијата CodeWell истекол во февруари минатата година, а нова поддршка или ажурирање не биле спроведени. На прашањата зошто дигиталниот асистент повеќе не работи, од компанијата што ја изработи – одговор нема.
„Да бидам искрен, ќе бев позитивно изненаден ако функционираше. Знаејќи се што наследивме од претходната Влада, така што не ме чуди што не функционира“, изјави неодамна за ТВ21 Гоце Димовски, директор на ТИРЗ зоните.
За развојот на овој проект биле потрошени 150 илјади евра, пари кои требаше да го подобрат пристапот до информации и да ја олеснат работата на инвеститорите и на јавната администрација. Ада требаше да ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст и да ја зголеми транспарентноста и ефикасноста на државната помош.
„Во 2021 година почнав да зборувам со различни донатори како да го подобриме системот и механизмот за давање и контрола… Како продукт од тоа, се роди Ада“, рече тогаш Фатмир Битиќи, говорејќи за дигитализацијата на јавните услуги. Но, денес, дигиталниот асистент кој ветуваше револуција во комуникацијата помеѓу граѓаните и државата, е само уште еден пример за недовршен проект.
Се поставува прашањето: зошто Ада престана да функционира? Дали ќе се најде начин таа повторно да биде активирана, или ќе остане уште еден пример за неуспешна дигитализација?