Skip to main content
Македонија

Силјановска – Давкова од Рим: Силно и инспиративно е да прочитате на македонски јазик дека му се оддава почит на духовниот сесловенски татко

24/05/2025  14:10

Тешко е човек да ја изрази импресијата по ваков настан иако јас по вторпат доаѓам овде, секогаш како да е првпат. Молебенот од вчера ќе го помнам цел живот. Беше прекрасно да се поклоните на некој на кој му се поклонува сиот словенски свет – на Кирил, на филозофот Константин, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во Рим, по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители.

– Тоа е место што зрачи со духовност, а дополнително кога ќе чуете молебен од прекрасни, посветени, млади, убави свештеници тогаш верата уште повеќе се зајакнува и тоа е момент на духовност, истакна претседателката Силјановска – Давкова, која заедно со државно-црковната делегација денеска ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методиј.

Силно и инспиративно е, истакна Силјановска-Давкова, „да прочитате на македонски јазик, покрај на другите словенски јазици, дека му оддаваат почит на духовниот сесловенски татко без кој веројатно ние тешко би се просветиле, бидејќи тој е носителот, промоторот на писменоста, а без писменост не можете ниту умот ниту мислите да ги изразите“.

На тоа, како што посочи, се надоврзува денешната посета на гробот на папата Франциск, кој „ќе остане запаметен по умот, по посветеноста, по ерудицијата, по блискоста до граѓаните, до верниците, длабоката верба во Бог, во мирот, човекот посветен на обичните, на сиромашните“.

– Токму изборот ова да биде неговиот вечен дом и белата роза ја отсликува скромноста. Тоа за некој како мене кој поминал 45 минути во разговор со него минатата година е нешто што ја потенцира духовноста, рече претседателката.

Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим денеска присуствуваше и црковната делегација, предводена од митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф, и голем број македонски граѓани, за што таа рече дека „ова мало одбрано друштво верска фамилија овде, придружено и од многу нашинци, уште повеќе ја зајакнува вербата во доброто, во мирот, во единството на кое особено повикува новиот папа Леон 14“.

– Тоа е она предупредување за нас обичните луѓе, верниците, дека не е завршен патот, дека се уште не е остварена визијата на големите Кирил и Методиј, а еве и на папата Франциск, рече Силјановска – Давкова.

Таа изрази надеж дека чекор напред ќе направи светот, Европа, верниците, со новиот Папа, бидејќи, како што рече, тој ќе ја продолжи христијанската приказна, сесловенската, духовната приказна.

– На човештвото никогаш не му било повеќе потребна вера, со оглед на напливот на материјалното што не доведе до состојба со која не смееме да се гордееме. Ама затоа ова денеска, тоа вчера и утре ќе не упати на правиот пат, истакна претседателката Силјановска – Давкова, која во понеделник во Ватикан ќе има аудиенцијата кај новиот папа Лав 14 и средба со кардиналот Пјетро Паролин.