Skip to main content
Свет

Во Данска ќе се оди во пензија на 70 години

23/05/2025  21:15

Данскиот парламент го усвои зголемувањето на старосната граница за одење во пензија на 70 години од 2040 година, што е највисоката стапка во Европа.

Од 2006, Данска ја врзува старосната граница за пензија со очекуваниот животен век, што се ревидира на секои пет години. Моментално се оди во пензија на 67 години, но тоа ќе порасне на 68 години во 2030, односно на 69 години во 2035. Новата одлука ќе важи за сите оние кои се родени по 31 декември 1970.

Во последните неколку недели во Копенхаген се одржаа протести поддржани од синдикатите против зголемувањето на старосната граница за пензионирање. По вчерашното гласање, претседателот на Данската унија на синдикати Јеспер Етруп Расмусен изјави дека последното зголемување е нефер.

„Данска има здрава економија, но и најголема старосна граница за пензионирање во ЕУ. Тоа значи дека луѓето ќе изгубат право на достоинствен пензионерски живот“, рече Расмусен.