Високопротеинските диети често се препорачуваат за брзо слабеење и изградба на мускулна маса, но нивната долгорочна употреба треба да биде предмет на внимание. Иако може да бидат ефикасни, овие диети исто така носат потенцијални ризици, особено за функцијата на бубрезите, што често се занемарува.
Според медицинските истражувања, внесувањето на значително поголемо количество протеини од препорачаниот дневен внес може да доведе до оштетување на бубрезите и до други здравствени проблеми, дури и кај луѓето кои претходно немале здравствени компликации. Најмногу се изложени на ризик оние кои имаат семејна историја на бубрежни заболувања. Овие лица треба да бидат особено внимателни со високопротеинските диети бидејќи зголемениот протеински внес може да доведе до пренапрегнатост на бубрезите и до појава на долгорочни последици.
И покрај тоа што протеинските диети се популаризирани како брз начин за слабеење, важно е да се има предвид дека со нив може да се зголеми дневниот внес на протеини дури и за 25%, што е значителен скок за организмот. Таквиот внес е безбеден само на краток рок и под редовен медицински надзор.
Затоа, пред да започнете со каква било високопротеинска диета, препорачливо е да се информирате не само за позитивните ефекти туку и за можните негативни страни на ваквиот режим на исхрана. Ниту еден начин на исхрана не е совршен и не постои диета без недостатоци, па затоа, без разлика на добрите резултати, умереноста и информираноста се клучни за долгорочно здравје.