
Минатата година во Германија биле затворени 196.100 компании, што претставува раст од 16% во однос на 2023 година. Ова е највисоко ниво на затворања од 2011 година и глобалната финансиска криза, покажува извештајот на агенцијата „Кредитреформ“ и економскиот институт ZEW, пренесе ДПА.
– Бројот на компании што трајно ги затвораат своите врати во сите сектори на економијата е алармантен, изјави Патрик-Лудвиг Ханц од „Кредитреформ“.
Индустрискиот сектор е особено погоден, со значително зголемување на затворањата поради високите трошоци за енергија и силната странска конкуренција. Во енергетски интензивното производство, бројот на затворени фирми пораснал за 26%, достигнувајќи 1.050 компании.
Сличен тренд се забележува и во ИТ секторот, развојот, еколошките технологии и дијагностиката – сектори кои според Сандра Готшалк од ZEW требало да доживеат раст поради нивната ориентација кон иднината.
– Овие компании страдаат од хроничен недостиг на квалификувана работна сила. Поради тоа не можат да ги исполнат нарачките и стануваат економски неодржливи, истакнува Готшалк за списанието „Феникс“.
Најголем дел од затворените компании биле мали бизниси, но последните години сè почесто затвораат и поголеми фирми. Дел од нив не банкротирале, туку престанале со работа поради тоа што сопствениците не нашле наследник за управување пред пензионирање.
Во извештајот се наведува и дека некои профитабилни компании биле затворени поради проценки дека немаат долгорочна економска одржливост.