Skip to main content
Македонија

Лажеле при увоз за да избегнат давачки – Царината им ја наплати разликата и им пиша кривични пријави

20/05/2025  13:28

Во пет случаи при контроли на увоз на месо е остварена дополнителна наплата од 11 милиони денари или 178,9 илјади евра, соопшти денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

За сторителите, како што истакна Николовски, ќе биде поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство, а за еден сторител ќе биде поднесена прекршочна пријава.

-Станува збор за случаи во кои увозници го тарифирале месото со пониски царински стапки за да избегнат плаќање давачки, информира директорот на прес-конференција.

Тој претходно кажа и дека Царината делува на повеќе фронтови за целосно сузбивање на долгогодишните криминали и измами со увозите на храна, како и во однос на половните возила и другите видови злоупотреби. За неполни пет месеци годинава, напомена, се поднесени 85 кривични пријави што е еднакво на вкупниот број кривични пријави поднесени во тригодишниот период од 202-та до 2022 година.

-Овие резултати се доказ дека со координиран и професионален пристап ефикасно застануваме на патот на сите обиди за криминал, рече Николовски.