Skip to main content
Свет

Ле Пен: Споделувам иста цел со Израел – за искоренување на Хамас, имаме заеднички непријател

16/05/2025  11:03

Лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, синоќа изјави дека Израел прави сè што може во исклучително тешка ситуација и дека ја дели истата цел со Тел Авив за искоренување на Хамас.

Таа ги осуди изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека односите меѓу ЕУ и Израел треба да се преиспитаат, како и дека постапките на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Појасот Газа се „неприфатливи“.

-Оваа изјава е срамна, но не ме изненадува, тој продолжува да ги зголемува критиките кон Израел бидејќи во реалноста не е во состојба да понуди решение за борбата против исламскиот фундаментализам, рече Ле Пен.

Таа истакна дека е потребно да му се пружи помош на Израел, бидејќи „имаме заеднички непријател“, додавајќи дека војната во Газа ќе заврши ако сите заложници бидат ослободени, пренесе париски „Фигаро“.

Ле Пен истакна дека не е изненадена од хуманитарната криза во палестинската енклава, велејќи дека Израел не сака Хамас да се снабди со залихи за населението.

Таа, исто така, го осуди „недостатокот на јасност“ кај француските лидери кога станува збор за Хамас.

-Тоа е терористичко движење кое се крие меѓу цивилите, се крие во болниците и училиштата, го користи цивилното население како човечки штитови и кога се соочува со демонстрации на противниците на неговата политика, среќно ги масакрира, заклучи Ле Пен, додавајќи дека ќе отпатува во Израел кога Нетанјаху ќе ја покани.