
По изрекувањето на 12-годишната затворска казна за младиот возач Васил Јованов, кој ја усмрти дизајнерката Фросина Кулакова на пешачки премин на улицата „Партизанска“ во Скопје, јавноста не престанува да реагира. Додека едни сметаат дека казната е доволна, други остро се противат и бараат построги санкции.
Во морето од реакции, со стручна и смирена анализа се огласи адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска од Скопје. Таа преку свој јавен став ја коментираше пресудата и ја спореди со европската судска пракса:
„Ако некој со ладна глава и без нарцисоидност има волја да прочита каква е праксата во ЕУ за казнување во сообраќајки со смртни последици, а не само да урла по судовите и кога треба и кога не треба…“, напиша таа, додавајќи конкретни споредбени анализи.
Според неа, во земјите на ЕУ казните за вакви дела се движат вака:
- Без отежнувачки околности (чисто невнимание): од 1 до 3 години затвор, често и условно за сторители без претходна криминална историја.
- Со отежнувачки околности (висока брзина, алкохол, претходни прекршоци): од 4 до 10 години, речиси секогаш со реална затворска казна.
- Во случаи на бегство од лице место или смрт под дејство на алкохол: 7 до 12 години затвор во строги европски јурисдикции како Италија, Франција и Германија.
Со тоа, таа сугерира дека во случајот со Јованов, македонскиот суд фактички ја изрекол највисоката казна по европски стандарди, што претставува сериозен исчекор во третирањето на ваквите дела.
Иако дел од граѓаните бараат уште повисоки санкции, дел од правниците предупредуваат на опасноста од создавање на правен систем заснован на јавен револт наместо на објективна законска рамка.
„Казната е солидна според стореното дело и профилот на осудениот, но е премала според менталитетот на луѓето во државава. Треба да се почне со превисоки казни за да се обесхрабриме сите во сторувањата на сообраќајните прекршоци“, вели еден граѓанин на социјалните мрежи.