
Метео анализа на Славчо Попоски:
По краткотрајната стабилизација на времето која ни следува во нашата Република Македонија, веќе од утре попладне и навечер (четврток 15 мај) и во петок (16 мај) под влијание на голем влажен бран од Медитеранот, кај нас насекаде ќе има нови пообилни врнежи од дожд. На повеќе места ќе наврне позначително количество на воден талог, локално и над 30 литри дожд.
Утре (четврток 15 мај) повремено и особено Долж Повардарието ќе дува засилен ветер од јужен и од југоисточен правец, а во петок (16 мај) повремено ќе дува засилен ветер од северен правец. Исто така во петок (16 мај) од север и од североисток кон Македонија ќе се спушта значително поладен воздух кој значително ќе ги спушти температурите, и тие ќе бидат далеку под просекот за месец мај.
Поради падот на температурите, на планините над 1400/1500 метри надморска височина врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, со што ќе се формира и снежна покривка (на повисоките височини над 1600/1700 метри со висина од над 10/15 cм).
Во Скопје и околината за време на овој голем Медитерански влажен бран ќе има врнежи од дожд, повремено пообилни и проследени со повремено засилен ветер (утре четврток 15 мај) од јужен и од јгуоисточен, а во петок (16 мај) од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие најниски ќе бидат во петок (16 мај) кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 8 до 16 степени, меѓутоа, ноќта кон сабота тие дополнително ќе опаѓаат.
Потпросечните температури за месец мај ќе продолжат и за време на викендот, кога исто така ќе има појава на повремен локален дожд.