Skip to main content
Македонија

Филипче ги повика пребеганите членови во ЗНАМ да се вратат во СДСМ

08/05/2025  16:55

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, синоќа на средбата со општинската организација во Неготино ги повика незадоволните партиски членови кои пребегаа во ЗНАМ да се вратат во партијата.

„Во 2021 година, некои луѓе се одвоија од СДСМ и отидоа во ЗНАМ. Тогаш, тогашниот претседател на ЗНАМ и градоначалник на Куманово продаде еден лажен патриотизам. Излегуваше на бугарска телевизија, кажуваше „јас сум патриот“, го спомнуваше Гоце Делчев, ја спомнуваше НОБ. Му успеа манипулацијата – да се претстави како патриот и да ги привлече и излаже нашите членови, нашите симпатизери, па и други граѓани. И што излезе? За што се борел? За бизнис интереси. Што му била целта? Само бизнис да прави, пари да прави од позиција на градоначалник,“ изјави Филипче.

При тоа, Филипче повика на враќање на разочараните членови во СДСМ.

„Упатувам апел до нашите членови кои се излажаа и гласаа за ЗНАМ, да се вратат дома. Тука им е домот, во СДСМ. Да не се лажеме дека една мала група луѓе ќе манипулира само за сопствени финансиски интереси“, рече Филипче.

Тој го искритикува и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, за неговите односи со ДУИ.

„Нели ДУИ беа предавници и криминалци, а со кого го изгласал Димитриевски ДУП-от во Куманово? Гледајте ги и двојните стандарди на премиерот, вика не може Таравари во Владата ако соработува со ДУИ, а Максим Димитриевски може да соработува со ДУИ, дополнително, за негови финансиски интереси. Какво лицемерие е ова?“ , потенцираше Филипче.