Skip to main content
Македонија

Приврзокот на Мицкоски, Максим Димитриевски не може да се оправда, СДСМ најавува објавување документи

07/05/2025  18:06

СДСМ во соопштение вели дека ЗНАМ го признале историски корупциски скандал во кој е вмешан лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Партијата обвинува дека зад сомнителна купопродажба на земјиште се крие незаконска заработка од 350.000 евра.

„Фатени во корупција, ЗНАМ и Максим негираат со очајна реакција полна со лаги и празни обвинувања. Но, наместо да одговорат на јасно поставените прашања, се кријат зад флоскули. Сѐ што требаше да кажат е: како со купи-продај земјиште преку ноќ се печалат 350.000 евра?“, стои во соопштението од СДСМ.

Според партијата, лицемерието на Димитриевски е евидентно – од јавна борба против ДУИ, сега, како што велат, тој е во соработка со истата партија и гласа за урбанистички планови во Куманово. „Што им ветил? Што им должи? Нека излезе и сам да ја каже вистината“, додаваат од СДСМ.

СДСМ порачува дека ќе оди до крај и оти ќе ја објави целата документација поврзана со случајот. Тие го обвинуваат Димитриевски за директен конфликт на интереси и политичка калкулација.

„Максим и ЗНАМ не покажаа дека имаат визија или програма – освен грижа за личен бизнис и профит. Стануваат привезок на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој скандал Димитриевски си ги сруши двете главни ветувања: дека ќе се бори за правда и против ДУИ. Наместо тоа – корист за себе, од 350.000 евра“, реагираат од СДСМ.

Партијата го нарекува Димитриевски „лажен патриот“ и „лажен борец за правда“ кој ја изневерил довербата на граѓаните.

Според СДСМ, станува збор за човек кој е инструмент на ДПМНЕ и кој наскоро ќе биде жестоко казнет од граѓаните.
„СДСМ нема да молчи. Имаме информации и документи. Ќе ги објавиме до крај“, завршува соопштението.