
Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите, се вели во пораката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Денеска, на 5 Мај, праќаме важни пораки за македонскиот јазик до сите Македонци, каде и да се, до познавачите и до почитувачите на македонскиот јазик, до идните поколенија Македонци. Денеска, камбаните одѕвонуваат на македонски јазик и за македонскиот јазик, не само тука, во татковината, туку секаде каде што се оние со кои ист јазик зборуваме и на ист јазик се разбираме ние, Македонците. Денес, сите говорители, вљубеници, јазикољупци, почитувачи, проучувачи, посветеници на големиот, убавиот, милозвучниот македонски јазик беседат за него и на него. Пораки за македонскиот јазик ќе праќаат и по мене и по нас, оти додека нè има, ќе го има и него: јазикот наш насушен. Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски, ниту да бидеме негови мисионери – се вели во пораката.
Нам, македонскиот јазик, како што наведува, ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона.
Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација. Близнак со народниот дух, македонскиот јазик битисувал во лошо и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици, плачел, шепотел, пеел, играл, им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал. Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, Светите Кирил и Методиј, личности – филозофи кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост не само нас, туку и сиот словенски свет – порача претседателката.
По повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Сиљановска-Давкова, денеска ќе се обрати на Свечената академија којашто под нејзино покровителство ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).