Skip to main content
Македонија

Нема недопирливи и привилегирани, Ахмети наместо да се заканува мора да повика на соочување со законот

04/05/2025  10:31

Пишува: Проф. д-р Јове КЕКЕНОВСКИ

Во нормална, демократска држава, кога ќе се случи трагедија од размери на онаа во Кочани политичките партии замолчуваат, министрите и одговорните функционери полагаат отчет, а правосудните институции професионално, неселективно и без надворешни притисоци си ја спроведуваат истрагата. Само лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одлучи трагедијата да ја искористи во политичка одбрана на својот човек и да повика на уличен притисок доколку државата се осмели да побара одговорност од неговиот поранешен министер за економија. Ова не е ни прв пат, ни изолиран случај. Ова е шаблон. Ахмети со години владее како да е држава во држава. Вака не се однесува политичар, вака се однесува неизбран владетел кој верува дека му припаѓа не само власта, туку и правдата, јазикот, и улицата. Неговите последни изјави во кои повикува на масовни протести за поддршка на Бектеши, но и за „правда“ за загинатите, се невкусна хибридна конструкција: политичко спасување преку злоупотреба на човечка болка. Тоа не е храброст, туку паника. Паника дека падот на досега недопирливите е прашање на време.Ахмети свесно користи стратегија на етничка мобилизација преку наратив на наводна „загрозеност“. Тој треба итно да ги исфри од употреба флоскулите од типот: „Или ДУИ – Или неправда за Албанците“ зошто ваквиот наратив одамна е застарен. Со реторика на закани дека ако се „чепне“ албанскиот јазик ќе повика на бојкот на избори – Ахмети не ја брани албанската кауза, туку својата политичка привилегија. Користи чувствителни прашања како алатка за партиска заштита, а во таа алатка најчесто лежи зборот „предавство“ – предавство кон народот, јазикот, идентитетот, загрозеност… и сè што може да ги затскрие реалните прашања: кој е одговорен, и дали ќе одговара?

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, мора конечно да се соочи со реалноста дека неговото време на „прва виолина“ во македонската политика заврши. Нови дечки се на политичката сцена. Не затоа што некој го мрази или го таргетира етнички, туку затоа што никој – апсолутно никој – не смее да биде над законот.

Благодарение на поранешните први луѓе на СДСМ, Ахмети и ДУИ одамна се однесуваат како сопственици на државен удел, а не како политичка партија со одговорност. Со години ги користат етничките теми како штит за да го избегнат судирот со институционална одговорност. Но, времето на ваквата привилегија истече. Дуиџиите мора да разберат дека во ниту една држава, во ниту еден закон „етничкиот имунитет“ не е таргет. Ако претседатели, премиери, министри, градоначалници, директори и други персони без разлика на партиска или етничка припадност, не одговараат за грешките и сторениот криминал тогаш нема држава, нема правда, и нема иднина. Доколку Ахмети навистина верува, ја почитува и ја сака правдата, вистината и достоинството, тој мора да направи многу повеќе од периодично давање запаливи националистички изјави. Тој треба јавно, гласно и недвосмислено да го повика Артан Груби, неговиот прв и најблизок соработник, да се врати во државата и да се соочи со правдата. Молкот на ДУИ за отсуството на Груби, заедно со бранителската реторика за Бектеши, ја открива суштината на проблемот: Во оваа партија владее уверување дека законот не важи за ,,нас и нашите ’’. Тоа е опасна порака за секоја правна држава. Али Ахмети мора да сфати дека одговорноста е универзална обврска, а не селективна политичка алатка. И ако навистина се грижи за достоинството на Албанците во државата, тогаш мора да покаже дека ниту еден Албанец, ниту Бектеши, ниту Груби, ниту тој самиот не се изнад правдата. Затоа порано или подоцна, тој ќе мора да избере: дали и понатаму ќе остане заложник на политичката заштита на соработниците, или ќе стане првиот лидер кој ќе ги повика своите да се соочат со законот, а не да бегаат од него?

Република Македонија е премала држава за да си дозволи повторно некој да гради и протежира култ на неодговорност, меѓутоа истата таа Македонија е доволно зрела за конечно да разбере дека: Ахмети не е држава. Правдата не е албанска, македонска, влашка или партиска. Доверената власт на избори не значи дека таа автоматски преминува во наследство, а неодговорноста не смее да биде привилегија. Власта се заслужува со отчетност и одговорност, а не со етнички монопол. Ако некој направил криминал, мора да одговара без разлика дали се прзива Бектеши, Исмаили, Славевски, Ѓорѓевиќ или Петрески. Нема „наши“ и „нивни“ пред лицето на правдата. Наративот за етничка мобилизација мора да биде заменет со граѓанска еднаквост и повик за одговорност пред законите.