
Пред 45 години на денешен ден, на 4 мај 1980 година, почина Јосип Броз Тито (88), претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и на Сојузот на комунисти на Југославија (СКЈ), врховен командант на вооружените сили на Југословенската народна армија (ЈНА) и еден од основачите на Движењето на неврзаните.

Тито е роден во Кумровец, место на словенечко-хрватската граница, во мај 1892 година, а 25 мај е означен како датум на неговото раѓање и се одбележуваше како Ден на младоста.
Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.
Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени – за едни Тито е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешнополитички углед, а за други – диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.
Тито почина на 4 мај 1980 година, во 15:05 часот, во Клиничкиот центар во Љубљана, по компликации од ампутација на ногата и други акумулирани здравствени проблеми. Неговото тело беше пренесено во Белград, каде што беше погребан во Куќата на цвеќето. На погребот на Јосип Броз Тито присуствуваа повеќе од 200 истакнати личности од целиот свет, претседатели, премиери, кралеви, владетели и партиски лидери од 107 земји. Меѓу нив беа Индира Ганди, Маргарет Тачер, Леонид Брежњев и многу други.
Денес, на годишнината од неговата смрт, Музејот на Југославија ќе биде отворен од 10 до 18 часот, а влезот ќе биде бесплатен за посетителите.