
Локалните поројни врнежи што ги најавува УХМР од вторник, ќе бидат добродојдени за земјоделството, велат агрометеоролозите. Сепак, предупредуваат дека поради повисока релативна влажност во зоната на растенијата може да се создадат поволни услови за појава на болести и штетници. Затоа, потенцираат, е неопходна редовна контрола и заштита на посевите.

Според агрометеоролозите, временските услови во изминатиот период придонесоа за интензивен развој на есенските култури и на рано посеаните пролетни култури.
Садењето и сеидбата на пролетните култури се во тек, температурата за садење и сеидба е оптимална, а со поволна влажност е и почвениот слој што им овозможува на посевите да растат рамномерно.
-Појавата на нови врнежи од дожд е од големо значење за земјоделските култури, посебно за зголемување на влагата во почвата која би била во уште подобра состојба и со подобрен водно-физички режим за попродуктивен и поинтензивен раст и развој. Новите врнежи ќе бидат добродојдени за сите земјоделските култури, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.
Тие препорачуваат, доколку почвените услови дозволуваат, земјоделските производители да почнат или да продолжат со изведување работи во поле.
-Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и за заштита од нив. Земјоделците да внимаваат, во случај на појава на електрични празнења да не се престојуваат на отворен простор.
Според УХМР, утре попладне ќе има услови за изолирана нестабилност, а од вторник следува период на променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.