Skip to main content
Македонија

21 кандидат се борат за позицијата судија во Стразбур – меѓу нив и Ленче Ристовска и Оља Ристова

02/05/2025  22:58

Обвинителката Ленче Ристовска и судијката на Кривичниот суд, Оља Ристова, се меѓу 21-те пријавени кандидати на конкурсот за избор на нов судија од Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, објави ТВ Телма. Двете го потврдија своето учество во трката за оваа престижна меѓународна функција.

Конкурсот го распиша Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР), а меѓу пријавените има судии, обвинители, но и познати адвокати. Од МНР информираат дека Меѓуресорската комисија, формирана со одлука на Владата, ќе ги разгледа апликациите и ќе ги интервјуира кандидатите. По ова, ќе изготви рангирана листа и ќе предложи тројца кандидати до Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа, во согласност со член 22 од Европската конвенција за човекови права.

„Процесот на селекција ќе се спроведе согласно утврдените критериуми и процедури, со цел обезбедување на транспарентност и објективност при изборот на најсоодветните кандидати за оваа значајна позиција“, изјавија од МНР за ТВ Телма.

Мандатот на судијата во Европскиот суд трае девет години. Од 2017 година, функцијата ја извршува Јован Илиевски, а неговиот наследник треба да ја преземе должноста на почетокот на 2026 година.