
Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина беше темата на емисијата Граѓански агол на организацијата Центар за граѓанско образование од Подгорица, каде зборуваа еминенти личности од споменатите земји, меѓу кои и екс премиерот на Македонија, Владо Бучковски.

Во дебатата Бучковски истакна дека Македонија изгубила 10 години од 2006 до 2016 година поради спорот со Грција и дека тоа државата ја чинело доцен влез во НАТО и оддалечување од ЕУ.
Срѓан Дармановиќ, поранешен министер за надворешни работи на Црна Гора, истакна дека иако неговата земја е „прв кандидат“ за членство, напредокот сепак е спор.
„Сегашната влада се обидува да ги исполни стандардите, но истовремено ги влошува односите со соседите, особено со најзначајниот Хрватска. Иако сите знаеме каква е историјата од Втората светска војан, сепак носењето резолуција за Јасеновац во парламентот, на пример, е контрапродуктивен чекор. Не треба да бидеш премногу паметен за да сфатиш дека таквите чекори го туркаат процесот наназад.“ подвлече тој.
Од друга страна, Бранка Латинковиќ, поранешна амбасадорка на Србија, ја спореди ситуацијата на земјите од Западен Балкан со Вишеградската група потенцирајќи дека ЕУ така требала да се однесува кон регионот.
„ЕУ направи голема грешка што не го примени моделот на групни преговори за Балканот. Словачка доби шанса да се реформира под притисок на ЕУ, но денес регионот нема јасна стратегија. Лидерите се фокусирани на дневна политика, а не на долгорочни решенија.“ порача Латиновиќ.
Леила Рамиќ-Месиховиќ, експертка од Босна и Херцеговина, посочи дека политичарите од регионот го игнорираат знаењето и капацитетите на стручњаците.
„Процесите се зависни од политичките циклуси. За да се видат резултати, треба минимум 10 години. Но, кај нас, секоја промена на власта го ресетира напредокот. Нашите устави, особено Уставот на БиХ се создадени за да запрат војна, а не се за европска иднина и потребите за неа“ посочи таа.
Во емисијата заеднички беше заклучено дека иднината на сите четири држави е во ЕУ и дека сите заеднички треба да се помагаат тоа да стане реалност што побрзо.