
Националната галерија на Македонија денес во Зоолошката градина во Скопје ќе го заврши еколошкиот инклузивен проект “Хотели за инсекти”, по повод Меѓународниот ден на аутизмот.
Како и во минатото, Националната галерија на Македонија и оваа година организира проекти кои се битни не само за јакнење на јавната свест за лицата со аутизам, туку и за зајакнување на колективната свест и одговорност за управување со природата воопшто.
Инклузивните работилници ги вклучија учениците од повеќе училишта: ОУ “Невена Георгиева Дуња”, ОУ “Св. Климент Охридски”, ДСУ за рехабилитација и образование “Свети Наум Охридски”, како и студентите од Машинскиот факултет – отсек индустриски дизајн.
Изработените креации од учениците денес ќе бидат изложени во скопската ЗОО.
Покрај поставувањето на хотелите за инсекти, ќе биде претставен и прирачник за инсекти, дело на студентите од Машинскиот факултет – отсек индустриски дизајн.
“Промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна, туку и, и покрај нивната мала големина, инсектите како дивите пчели и бубачките сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе во предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е се популарна. Направените хотели ќе бидат поставени во Зоолошката градина на град Скопје во пролет кога тие најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување,” наведуваат од Националната галерија.