Skip to main content
Македонија

Организирани посети на Саем на книга за учениците од основните и средните училишта

29/04/2025  10:09

На 8 мај ќе биде отворено овогодинешното издание на Саем на книга, кое ќе се одржи во Арената Борис Трајковски и ќе ѝ понуди на домашната читателска публика многу наслови од познати домашни и странски автори, забавни активности и средби со некои од најважните имиња од светот на литературата. Како и секоја година, ќе бидат организирани специјални посети за најмладите љубители на книгата од основните и средните училишта.

Со цел подобра координација и подобар распоред на истите секое училиште ќе треба да ја посети страната на www.skopskisaem.mk, и да го  најави бројот на ученици и времето на посета на учениците, бидејќи посетите се организирани со точно време и распоред, секој работен ден во периодот помеѓу 10.00 и 14.00 часот.

Саемот на книга е особено популарен кај младата публика и секоја година го посетуваат повеќе од 12.000 ученици од градовите ширум земјата. Затоа оваа година организаторите се потрудија да обезбедат полесен пристап и соодветен распоред за секое дете што е заинтересирано да може да ужива во содржините што ги нуди Саемот на книга.

Децата кои сакаат да бидат дел од организираните посети треба да се пријават на повикот во рамките на нивното училиште. На тој начин ќе имаат можност да купат билет за симболична цена од 50 денари и да го посетат Саемот на книга 2025, каде со сигурност ќе најдат нешто што ќе им се допадне и ќе им го задржи вниманието.

„И оваа година, Саемот на книга нуди богата програма за деца и млади во кои ќе уживаат вистинските љубители на книгите, но и оние кои допрва ќе станат такви“, изјавија организаторите.

Билетите за Саемот на книга се веќе пуштени во продажба и ќе можат да се купат и преку веб страницата www.karti.com.mk, а за време на одржување на Саемот билети ќе бидат достапни и на билетарата на Арената Борис Трајковски.

Саемот на книга ќе се одржува секој ден од 8ми 14ти мај со работно време од 10.00 до 20.00 часот.