
Возачот на патничко возило од марката „Ауди“ со скопски регистарски ознаки, кој беше снимен како се движи по велосипедската патека на улицата „Бутелска“ во скопски Бутел, е идентификуван и санкциониран од страна на полицијата.
Настанот се случил на 23 април 2025 година околу 16:30 часот, а видеото од инцидентот беше објавено во дел од медиумите и социјалните мрежи, предизвикувајќи остри реакции во јавноста.
Од Секторот за внатрешни работи Скопје информираат дека веднаш по објавата биле преземени соодветни мерки. Возачот, идентификуван како З.С. (43), бил лоциран од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај, по што му е изречена законски предвидена глоба за сторениот прекршок.
Полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат до сообраќајните прописи и да не го загрозуваат движењето на велосипедистите и пешаците.