Skip to main content
Економија

Димитриеска-Кочоска најави еврообврзница од најмалку 700 милиони евра на почетокот на 2026

24/04/2025  15:43

Состојбите во економијата, политиките што ги презема Владата и посветеноста во остварување на тие политики со цел остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата се дел од пораките што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе ги пренесе на средбите во Вашингтон, кадешто учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, соопшти Министерството за финансии.

-Во Вашингтон ќе разговараме со меѓународните финансиски институции и инвеститорите за состојбите во економијата. Важно е да одржуваме редовни состаноци, затоа што на почетокот на 2026 година очекуваме издавање еврообврзница од најмалку 700 милиони евра, затоа што доспева за враќање претходно издадена еврообврзница на износ од 700 милиони евра. И ваквата постојана комуникација со меѓународните институции е важна да покажеме дека работиме посветено што влијае на висината на каматата, истакнала министерката во интервју за Македонската телевизија.

Таа додала дека проекцијата за раст на економијата од 3,7 отсто нема да се ревидира и истакна дека тоа се темели на она што се работи и дека тоа ќе биде презентирано и на состаноците со претставниците на ММФ и Светска банка. Во однос на инфлацијата посочила дека исто така се преземаат мерки и дека на еден среден рок ќе има стабилизирање.

Димитриеска-Кочоска истакнала дека очекува поддршка од Светска банка во однос на спроведување на дигитализација на процесите во Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и поддршка од Трезорот на САД преку експертиза за забрзана имплементација на тие процеси.

Како што посочила, тоа ќе помогне во давање побрзи услуги кон бизнисот, за што било разговарано и на средбите со македонските иселеници во Чикаго, кои имаат свои компании во САД, но имаат и компании во РС Македонија и планираат да ги прошираат своите деловни активности.

Во одговор на прашање во врска со исплатата на платата на вработените во институциите од секторот култура, Димитриеска-Кочоска нагласила дека тоа ќе биде направено во оној момент кога платата ќе биде пресметана согласно закон.

-Инсистирам од првиот ден пресметките да ги направат согласно општиот и посебниот колективен договор и во оној момент кога ќе се пресметаат согласно закон ќе бидат исплатени. Преку буџетот 90 000 лица земаат плати и немало проблем и истите закони важат и за вработените во секторот култура и тие треба да се почитуваат, истакнала министерката, додавајќи дека прашањето со исплата на платите кај инспекторатите е поради неусогласеност со посебните закони.