
Лос Анџелес Лејкерс изедначија на 1:1 во серијата против Минесота, додека Оклахома и Индијана победија на вторите мечеви против Мемфис и Милвоки. Тоа е епилогот од натпреварите одиграни во НБА плеј-офот ноќта меѓу вторник и среда.
Предводени од Лука Дончиќ, Лејкерси одиграа одлична прва четвртина. Овој дел од натпреварот го решија во своја полза 34:15. Потоа без проблем ја одржауваа предноста и на крајот победија со 94:85.
Дончиќ ги предводеше Лејкерси, му недостигаше асистенцијата за трипл дабл. Тој забележа 31 поен, 12 скока и девет асистенции. Се истакна и Леброн Џејмс со 21 поен, 11 скока и седум асистенции.
На Минесота не и помогнаа многу 27 поени на Џулиус Рендл, додека најдобриот играч на тимот од Минеаполис, Ентони Едвардс застана на 25 поени.
Јанис Адетокумбо блеска во плеј-офот, но во првите два меча неговиот Милвоки не и се закани сериозно на Индијана. Вториот дуел на домашен терен Пејсерс го добија со 123:115.
Во првата четвртина Пејсерс имаа 15 поени предност. Бакс успеаја да стигнат до минус 4 пред крајот на полувремето, но на голема пауза се заминаа со плус осум за Индијана.
Милвоки не се предаваше, во еден момент во самиот финиш стигна и до 115:113, но следеа две врзани тројки на Индијана, кои го решија прашањето на победникот. Сијакам со 24 и Халибартон со 21 поен беа најдобри во редовите на Пејсерси.
Брилијантниот Адетокумбо застана на 34 поени, 18 скока и седум асистенции, а го следеше Портис со 28 поени и 12 скока.
Оклахома и Мемфис ја играат најнеинтересната серија во првото коло од плеј-офот досега. Откако го добија првиот меч со 50 разлика, Тандер лесно ги совладаа Гризлис во вториот меч и победија со 118:99.
Шеј Гилџес-Александар премногу солираше, погоди само 10 од 29 шута и стигна до 27 поени и осум скока. Џејлен Вилијамс броеше до 24. Џексон беше најрасположен во тимот од Тенеси со 26 поени и шест скока.