Skip to main content
Магазин

Се продава уште еден предмет од Титаник: Џебен часовник со вредност од 66.000 долари

21/04/2025  17:17

Британската аукциска куќа Henry Aldridge and Son соопшти дека на крајот од месецов ќе се најде на аукција реток џебен часовник што му припаѓал на патник од легендарниот Титаник – со проценета вредност до 66.000 долари.

Часовникот му припаѓал на 27-годишниот Ханс Кристенсен Гивард од Данска, кој патувал во САД со двајца пријатели кога Титаник потона на 15 април 1912 година. Неговото тело било пронајдено во Северниот Атлантик кратко по несреќата, а личните предмети, меѓу кои и овој часовник, му биле вратени на неговиот брат во Данска, а потоа и на семејните наследници.

Станува збор за „позлатен женски џебен часовник“, направен од сребро и месинг, кој носи видливи траги од оштетување предизвикано од морската сол. Стрелките на бројчаникот недостасуваат, соопштуваат од аукциската куќа.

„Механизмот на часовникот застанал во моментот кога ледените води на Северниот Атлантик го проголтале не само сопственикот, туку и најпознатиот океански брод на сите времиња – Титаник“, изјави Ендру Олдриџ од аукциската куќа.

Вредноста на часовникот се проценува меѓу 30.000 и 50.000 британски фунти (односно 40.000 до 66.000 американски долари), а аукцијата ќе започне на 26 април.

Оваа аукција ќе понуди и други ретки предмети поврзани со Титаник, вклучувајќи рачно напишано писмо од шведскиот патник Ерик Густав Линд и карта за трета класа што ја поседувал Канаѓанецот Ернест Портиџ Томлин, двајцата загинати во несреќата.

Ќе се продава и виолина користена во филмот „Титаник“ од 1997 година.

Инаку, џебните часовници на патниците од Титаник редовно се продаваат по високи цени. Во ноември минатата година, златен часовник кој му припаѓал на најбогатиот патник на бродот, Џон Џејкоб Астор, беше продаден за рекордни два милиона долари, што претставува највисока сума некогаш платена за предмет поврзан со Титаник. Асторовото богатство тогаш се проценувало на околу 87 милиони долари.

Редакција Трн