
Германските потрошувачи морале да платат 16,7 отсто повеќе за чоколадо во март отколку во истиот месец минатата година, објави германскиот завод за статистика. Најзначајно поскапување е забележано кај чоколадите (+25 отсто).
Но и цените на останатите чоколадни производи се значително повисоки (+11,1 отсто), пишува Дојче веле.
Спротивно на тоа, имало нерамномерен развој на цените на кондиторските ислаткарските производи“, откриваат статистичарите. Тие во март поскапеа за вкупно 3,1 отсто. Ова пред се се однесува на цените на пралините и бонбоните. За разлика од нив, мало намалување има кај гумите за џвакање, гумени бонбони и слични производи. За споредба, цените на храната во целина се зголемени за три отсто во истиот период.
А среднорочните споредби јасно покажуваат дека минатата година морало да се плати 40 отсто повеќе за чоколадо отколку во 2020 година, при што класичното чоколадо поскапело за 32 отсто, додека другите чоколадни производи требало да се платат дури 46 отсто повеќе. Во тој среднорочен период слатките поскапеле за 29 отсто, а јајцата за дури 38,5 отсто. Во тие четири години цените на храната во целина пораснале за 33 отсто.
Причините за овие поскапувања се пред се климатските промени. Лошата жетва влијаеше на цените на какаото во последните години. Периодите на суша се менуваат со обилни врнежи, првенствено во земјоделските области на Западна Африка. Какаовите дрвја се сè поподложни на напади од штетници, кои брзо и непречено се размножуваат во вакви временски услови.
Претходно оваа недела, западноафриканската земја Брегот на Слоновата Коска, која е најголемиот светски производител на какао, предупреди на ризикот од пропаѓање на културите поради прекумерните врнежи. Бербата во таа земја се одвива од април до септември. Прогнозите говорат за опасност од обилни дождови, па затоа не е загрозен само квантитетот на земјоделските култури туку и квалитетот. А тоа значи ново поскапување на светскиот пазар, пишува српски Блиц.